Романскиот шампион Динамо Букурешт покрај зацртаните цели во домашниот шампионат, ќе посакува да оствари одлични резултати на европска сцена.
Тимот на Чави Пасквал во новата сезона ќе игра во Лигата на Европа, откако од Европската ракометна федерација (ЕХФ) не доби вајлд-карта за настап во елитата.
Сепак, Динамо Букурешт и покрај неиграњето во Лигата на шампионите, има високи цели во второто по ранг европско клупско натпреварување.
Екс ракометарот на Вардар, Анте Кудуз, во разговор за спортскиот портал „ГСП“, потенцираше дека неговиот клуб заслужил место во Лигата на шампионите.
,,Заслужуваме да играме во Лигата на шампионите. Сите го знаат тоа…Европа минатата сезона беше воодушевена од Динамо Букурешт, но понекогаш тоа не е доволно. За нас оваа сезона е сезона на одмазда, да им покажеме на сите дека заслужуваме да бидеме во Лигата на шампионите”, изјави Кудуз за „ГСП“.
Левиот бек даде свое видување за групата на Динамо Букурешт во Лигата на Европа.
,,Со сета почит кон Извиѓач, мислам дека дека ние, Шамбери и Фуксе Берлин ќе се бориме за првите две позиции во групата. Но, мојот начин на размислување отсекогаш бил дека не ме интересира каде и против кого играме. Ако сакате да бидете најдобри, мора да дадете сѐ од себе секој пат. Не е важно против кого играш“, заврши Кудуз за „ГСП“.
Динамо Букурешт за новата сезона ангажираше неколку засилувања, меѓу нив ѐ и српскиот репрезентативен голман Владимир Цупара од Веспрем.