Екс ракометарот на Вардар, Анте Кудуз, кој минатата сезона се врати во Динамо Букурешт по краткиот престој во „црвено-црниот“ дрес, во интервју за „Спортске новости“ зборуваше за враќањето во тимот од романската престолнина, како и за добивањето романски пасош.
„Хрватскиот Хансен“, како што го нарекуваат во неговата татковина, истакна дека доколку биде потребно, односно доколку добие повик за настап во репрезентацијата на Романија, ќе прифати да заигра во романскиот дрес.
,,Вистина е дека добив романски пасош. Една од причините беше потребата да има осум играчи во тимот со романски пасош во пријавата за секој натпревар од домашниот шампионат. Секако, се надевам дека ќе бидам корисен и за репрезентацијата на Романија. Можноста да заиграм за романската репрезентација е голема. Јас пораснав во Романија, се афирмирав овде и научив многу. Сите ме прашуваа дали после Вардар имало некакви шанси да се вратам дома во Хрватска, одговорот на тоа прашање е не”, изјави Кудуз.
Динамо Букурешт за следната сезона се засили со неколку звучни имиња. Во тимот на Чави Пасквал пристигнаа Вјачеслав Бохан, Лазар Кукиќ, Али Зеин и Станислав Кашпарек. Во екипата се очекува да пристигне и Педро Силва од шпански Пуенте Хенил, за кој од поодамна се шпекулира дека ќе биде новиот играч во романскиот тим.
Романскиот шампион во новата сезона во Лигата на шампионите ќе биде дел од групата А. Противници на избраниците на Чави Пасквал во групната фаза ќе бидат екипите на ПСЖ, Магдебург, ГОГ, Веспрем, Висла Плоцк, Порто и Загреб.