Во минатото Вардар беше препознатлив по својата агресивна одбрана и одлични голмани. Се освоија две шампионски титули во Лигата на шампионите и пет во СЕХА лигата. Дојде време за промена во тимот и Вардар доби нови голмани. Сега меѓу стативите се Артурс Кугис и Калифа Гедбан, заедно со младиот Марко Кизиќ. Тие треба да бидат новите „команданти на одбраната“, да им дадат сигурност на играчите кога некоја топка ќе помине низ нивните раце дека ќе биде сопрена од голманите.
Меѓу новите членови на Вардар сезонава е и репрезентативецот на Летонија, Артурс Кугис, кој доби шанса да ги наследи одличните голмани на Вардар. По искуството во Германија, Кугис сега се соочува со нови предизвици, СЕХА Газпром лига и Лигата на шампиони. Квалитетот на Кугис е неоспорен, и сите очекуваат тој брзо да „експлодира“ и да стане нов лидер на одбраната. На неколку натпревари тоа го покажа. Со тек на време и неговите одбрани се се подобри.
„Моите впечатоци се добри. Од првиот ден се чувствувам добро тука и мислам дека направив одлична работа со одлуката да потпишам за Вардар. Разликата помеѓу Вардар и сите други клубови е голема. Ова е најпрофесионален клуб и највисоко ниво каде што сум играл. Досега играв против репрезентативци, а тука конкуренцијата е поголема и имам шанса да играм против екипи во Лигата на шампионите и СЕХА лига. А конкуренцијата сега е многу посилна. За мене не беше лесно на почетокот, затоа што мора да патуваме многу. Но, клубот дава се од себе за нас секогаш сме еден или два дена пред натпреварот таму и да имаме време да се подготвиме за сите предизвици“, вели Кугис.
Претходно чувари на мрежата на Вардар беа Арпад Штербик и Дејан Милосављев.
„Не знам што очекуваат другите луѓе или играчи. Но, јас сум тој што сум, и се обидувам да дадам се од себе на секој тренинг, на секој натпревар. Штербик и Милосављев се голмани од светска класа и сакам да бидам на исто ниво“, продолжува Кугис.
Тој е импресиониран од поддршката што ја добива Вардар од публиката.
„Го сакам начинот на кој луѓето не поддржуваат. Остануваат со нас во добри и лоши периоди, по секој меч ни пеат песни и ни даваат огромна поддршка. Вардар минатата година покажа дека се е можно. Може да бидете на 1, 2, 3 место во групата…но сепак имате шанса да играте во Келн. Сега е важно сите играчи да се вратат во тимот од повредите, да заздрават и да можеме да останеме здрави до завршувањето на сезоната. А сезоната е долга и се е можно“, завршува Кугис.