Голманот кој летово пристигна во редовите на Вардар од Летонија, Артур Кугис потврдува дека е задоволен од трансферот кај актуелниот првак. Тој полека се адаптира на играта на „црвено-црните“ и покажува дека како што ќе одминува времето ќе биде сè подобар.
За своето доаѓање во Вардар вели дека главната улога ја имал тренерот на голманите на вардарци, Дејан Периќ, кој го следел на натпреварот против Словенците на кој Летонија имаше одлична игра.
„На натпреварот против Словенија, Дејан Периќ беше дојден за да ме гледа. Покрај овој натпревар тој виде и други мои игри за националниот тим. Периќ беше задоволен од она што го виде и ме покани да дојдам во Вардар. Многу сум среќен што ќе имам можност да работам со таков специјалист каков што е Периќ. Постојано учам и го чувствувам напредокот во мојата игра“, вели Кугис во интервјуто за handballfast.com.
Во однос на тоа дали на трансферот влијалел и неговиот сонародник Даинис Кристопанс вели дека не може да знае бидејќи не разговарал за ова прашање со десниот бек на „црвено-црните“.
„Не знам каква била улогата на Даинис во мојот трансфер во Вардар. Не сум го прашал, но мојата претпоставка е дека клубот се интересирал за тоа каква личност сум и информации побарал од него“, вели Кугис.
Тој и неговите колеги на голот на Вардар, Гедбан и Кизиќ ќе мораат да го кренат нивото за дуелот со Кил бидејќи нивните одбрани ќе бидат максимално потребни.
Инаку, за време на трансферот во Вардар за Кугис постоела заинтересираност и од други клубови, но тој се решил за актуелниот првак на Европа.