Кугис: Ме исплатија за половина сезона, но едно е сигурно – не останувам во Вардар!

Иако беше доведен во европскиот шампион Вардар како замена за Дејан Милосављев и со големи очекувања, сепак летонскиот чувар на мрежата Артурс Кугис по само една сезона ќе си замине од Скопје.

Неколку повреди го спречија Кугис да го прикаже тоа што може, а исто така и загубената доверба кај тренерите беше причина тој да тренира со Вардар Јуниор.

„Се уште не е јасно дали сезоната ќе продолжи и дали сите ќе ја завршиме заедно“, вели Кугис.

Јасно е дека Вардар има големи финансиски проблеми и во иднина ќе има сосема изменет лик, а ќе биде без голем дел од актуелниот ростер, вклучително и Кугис.

„Клубот се уште не не информирал дали ќе има кратење на плати поради коронавирусот. Но тешко е да намалуваш, кога немаме земено плата неколку месеци. Клубот исплати само неколку играчи во март, кои земаа плата за јануари и февруари. Јас сум во добра положба, со оглед на тоа што сум исплатен за половина сезона, а мојот агент се бори да го добијам преостанато што треба“, продолжува Кугис.

Тој има неколку опции за продолжување на кариерата и сигурно нема да остане во Скопје иако има договор на уште една сезона.

„Едно е јасно за следната сезона – не останувам во Вардар. Но каде ќе играм се уште не знам, имам неколку добри опции. Мора да чекаме поради коронавирусот, тоа има големо влијание врз буџетите на екипите, па затоа не знам каде ќе продолжам. Тука добив многу искуство што ќе ми користи во иднина. Жалосно е што не ја добив довербата на тренерите. По неколку одлични натпревари, бев надвор од тимот и морав одново да чекам шанса“, заврши Кугис.

Тој пред да дојде во Вардар бранеше за германскиот Грошвалтат, а претходно има настапувано во Норвешка и во летонскиот Теникс Добеле.