Македонскиот интернационалец, Горан Крстевски, заедно со екипата на Фочани беа немоќни против актуелниот романски шампион, Динамо Букурешт, и беа убедливо поразени со 32:20, во натпревар од 19. коло од шампионатот на Романија.
Натпреварот веќе беше решен уште по првите 30 минути кога Крстевски и неговите соиграчи заостануваа на минус пет гола разлика, 15:10. Избраниците на Чави Пасквал во 40. минута имаа убедлива предност од 20:12 и до самиот крај на натпреварот рутински ја диктираа играта на терен.
Крстевски во добиената минутажа против Динамо Букурешт успеа да постигне еден гол од два обиди. Листата на стрелци кај победничката екипа беше предводена од Гарсија Пасквал со шест погодоци, додека кај Фочани се истакна Филип Марјановиќ, кој исто така постигна шест гола.
Екипата на Крстевски моментално се наоѓа на 6. позиција на табелата со 35 освоени бодови и има биланс од 11 победи, осум порази и две нерешени средби. Најверојатно, Фочани сезоната ќе ја заврши на истата позиција бидејќи екипата на Баја Маре, која се наоѓа на 5. позиција, на свое конто има 49 бодови.