Еден од играчите кои се дебитанти на ова Европско првенство, Горан Крстевски не доби шанса на првата средба, но со оглед на тежината на дуелот против Чешка и потребата од ротација може да се очекува да добие некоја минута на теренот.
Се работи за играч кој првпат е дел од сениорската селекција на некое Европско првенство и затоа е од голема важност секоја минута која може да ја добие на теренот.
„Чешка има квалитетен тим кој е добро познат. Нема некое изненадување бидејќи добро ги знаеме. Со добра одбрана и квалитетен напад со помалку технички грешки можеме до победа“, вели Крстевски.
Дуелот против Чешка може да донесе многу за Македонија. Победа на овој натпревар значи и сигурно место во втората фаза, па во вторник против Австрија ќе може да се има борба за првото место во групата. Денешниот дуел стартува од 16 часот.