Екс-ракометарот на Вардар, Даинис Кристопанс во својот прв натпревар во Бундес лигата во дресот на Фуксе Берлин дојде до победа од 25:24 против Магдебург на Филип Кузмановски.
Во интересен натпревар во кој гостите беа во предност во завршницата од средбата, на крајот се радуваше екипата која имаше поконцентрирани ракометари на теренот.
Кристопанс веднаш си го најде своето место во тимот на Фуксе Берлин. Имаше три погодоци од три шута, но беше еден од оние кои имаат голема улога и во одбраната. Добрата игра помогна на крајот од средбата домашните да слават победа.
Филип Кузмановски исто така имаше минутажа во одбраната, но во нападот имаше само еден нереализиран удар.
Со оваа победа Фуксе Берлин остана во трка за титулата. Има два бода помалку од Кил и Флензбург, но „зебрите“ имаат и натпревар помалку. Магдебург, пак, со поразот од Фуксе Берлин остана на 31 поен и е на 5. позиција.