Актуелниот европски клупски шампион во женска конкуренција ја продолжува серијата победи и се зацврсти на втората позиција која води директно во четврт-финалето. Кристијансанд рутински славеше победа кај Кастамону со 24:35.
Норвешкиот претставник немаше проблеми на ова гостување, уште на полувреме имаше солидна предност од 18:12, а во продолжението со рутинска игра стигна до нови бодови. Најефикасна во победничкиот тим беше Ана Дебелиќ со седум гола, а по шест постигнаа Андерсен и Дел. Јованка Радичевиќ беше најефикасна за Кастамону со пет гола.
Ростов беше сигурен на домашен терен против составот на Будуќност со 30:20. Тимот од Црна Гора добро се држеше во првото полувреме и имаше само три негатива, 12:9, но во вториот дел Ростов не дозволи изненадување и стигна до висока победа. Прв стрелец во победничкиот тим беше Бобровникова со пет гола, а кај Будуќност се истакна Вукчевиќ исто така со пет погодоци.
ЧСМ Букурешт ја забележа шестата победа во 11. натпревар во Лигата на шампионите откако ја совлада Борусија Дортмунд со 33:29. Предводен од Неагу романскиот тим рано создаде предност која ја сочува до крај. На полувреме беше 16:14, а во завршницата тимот од Германија успеа да намали на минус еден, но немаше сили за пресврт. Со 11 гола Неагу беше најефикасна во тимот на ЧСМ Букурешт додека кај Борусија со шест гола Бергер беше прв стрелец.