Поранешниот тренер на Куманово, Ненад Краљевски, кој со кумановскит тим во сезона 2020/21 ја освои дуплата круна во Македонија, сега сака да направи успех и во својата татковина, но со машкиот клуб на Динамо од Панчево.
Краљевски по заминувањето од Куманово ја презеде тренерската функција во амбициозниот клуб, а во минатата сезона со Динамо оствари солидни резултати во српскиот шампионат. Клубот ја освои 3. позиција во плеј-оф фазата и избори учество на европска сцена.
Динамо за следната сезона атакува на подобар пласман, односно вклучување во борбата за шампионската титула. Редовите на Динамо за следната сезона ќе ги засили левиот бек Душко Челица, пренесува „MozzartSport“.
Станува збор за поранешен репрезентативец на БиХ кој потекнува од екипата на Козара. Искусниот ракометар во својата кариера настапуваше и за екипите на Копер, Марибор, Босна Сараево, катарскиот Ал Џаиш, Ал Шабаб од Дубаи, француските Сесон и Селеста, германскиот Ајзенах, романската Констанца, српската Војводина, израелскиот Хапоел Тел Авив и за актуелниот шампион на Чешка, Карвина.
Врвот на кариерата левиот бек го имаше во хрватскиот првак Загреб, за кој го постигна најубавиот гол во ЛШ пред седум години во последната секунда. Челица во Динамо ќе пристигне по желба на екс тренерот на Куманово.
Претходно во клубот пристигнаа двајцата голмани, Немања Марјановиќ од чешкиот шампион Карвина и поранешниот голман на Србија, Обрад Ивезиќ. Од раководството на Динамо најавуваат уште неколку квалитетни засилувања за да можат целосно да им парираат на останатите екипи, кои исто така најавија борба за шампионската титула.