Ракометарките на Куманово загубија по вторпат од украинскиот првак Галичанка Лвов 31-26 и се елиминирани од ЕХФ Купот. За разлика од првиот дуел, сега впечатокот беше поправен, но ни оддалеку македонскиот тим немаше шанса да ја загрози високата предност од првиот двобој на Галичанка.
Куманово со головите на Трајковиќ отвори со 3-1, но набрзина домаќинот успеа да направи пресврт, 3-5. Предноста на Галичанка се движеше меѓу два и три гола, но во последните три минути Куманово со неколку контри ги казни домашните грешки и на пауза замина со гол предност, 16-15.
Во второто полувреме тимот на Ненад Краљевски отвори со погодок и поведе со 17-15, но повторно наивни грешки во нападот, нереализирани зицери, грешки во додавањата…па тоа беше доволно за Галичанка да се врати набрзина во мечот, да стигне и до плус три, кои до крајот рутински само ги одржа.
Најдобри стрелци кај Куманово беа Боризовска со седум, како и Кипријановска и Чокели со по пет, додека кај Галичанка Александра Фурманец даде седум погодоци. По елиминацијата, Куманово ќе се врати на домашните обврски во Женската лига.