Коњалти со Гакидова и Јанеска продолжува победнички во Турција

Екипата на Коњалти, во која настапуваат интернационалките од Македонија, Моника Јанеска и Ивана Гакидова, победнички ја започна новата година, откако во натпревар од турскиот шампион триумфираше против Ускудар со 35:28.

Коњалти победата ја обезбеди со одличната игра во вторите 30 минути. На пауза резултатот гласеше 20:18 за гостинскиот состав.

Екс ракометарката на Вардар и Металург, Ивана Гакидова беше меѓу најефикасните во победничката екипа, постигна четири погодоци во мрежата на домаќинот, додека македонската репрезентативка Моника Јанеска двапати се запиша во листата на стрелци.

Тимот на Јанеска и Гакидова со новата освоена победа дојде до 16 бода на свое конто и моментално се наоѓа на 3. позиција во шампионатот на Турција.

Следен предизвик за екипата на Коњалти е реванш натпреварот против Бенфика во Европскиот Куп. Првиот дуел, кој беше одигран минатиот викенд, заврши без победник, 35:35.

Доколку Коњалти успее да ја елиминира екипата од Португалија, тогаш ќе обезбеди пласман во четвртфиналето во третото по ранг европско натпреварување.