Денеска во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беа извлечени групите за новата суперлигашка сезона.
Новата сезона во македонската елита ќе стартува со големото дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар. Двата големи ривали се најдоа во групата Б, во која ќе играат уште Бутел Скопје, Пролет, Голден Арт, Прилеп, Вардар Неготино и Мулти Есенс.
Еден од дебитантите, тимот на Мулти Есенс, во првото коло ќе се соочи со Голден Арт, кој во изминатата сезона заврши на 9. позиција. Пролет и Прилеп во првото коло ќе бидат домаќини на Вардар Неготино, односно Бутел Скопје.
Во групата А, носител е вицепрвакот Алкалоид. Тимот од Автокоманда во првото коло ќе ги одмери силите со Скопје. На стартот на сезоната судир ќе имаат Куманово и дебитантот Аеродром, како и Тиквеш со вториот тим на Еурофарм Пелистер.
Интересен дуел во првото коло се очекува на езерското дерби меѓу амбициозниот Охрид, клуб кој осетно се засили за новата сезона, и Струга, која допрва треба да го составува играчкиот костур.
Почетокот на новата натпреварувачка сезона 2023/24 се очекува да биде во првата или втората недела од септември.
Како што е веќе познато, сите екипи во групите ќе одиграат по 14 меча, а потоа најдобрите четири од двете групи одат во плеј-оф, додека оние од петто до осмо место ќе играат плеј-аут.
Извлечени групите за елитата – Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се судрат уште вo регуларниот дел!