Тимот на Радовиш прекинот на Суперлигата поради коронавирусот, го затекна на петтото место на табелата и требаше да разигрува за опстанок.
Со оглед на тоа што бодовите се пренесуваат, радовишани имаат голема бодовна залиха пред конкурентите.
Иако се безбедни и натпреварите што би играле ќе бидат безначајни за нив, сепак тренерот Љупче Мијалов вели дека би сакале да продолжи Суперлигата.
„Ние би сакале да продолжи Суперлигата секако доколку има услови за продолжување“, вели Мијалов за 24Ракомет.
Радовишани предложија модел за играње доколку времето не дозволи да се одигра по предвидениот распоред.
„Ако има услови, а сепак временски сме ограничени, мислам дека шампиони може да се добие по систем на елиминации или евентуално завршен турнир со четири екипи плус Вардар и Еурофарм Пелистер. За плеј-аут мислам дека добра опција е последните три екипи Струга, Металург 2 и Работнички да одиграат секој со секого по двомеч и да се одреди тимот што ќе испадне. Другите три екипи Радовиш, Вардар Јуниор и Еурофарм Пелистер 2, исто така би можеле да одиграат двомечи. За сето ова ќе биде доволно еден месец. На лето мислам дека е премногу топло за игра, знаеме какви се нашите сали, но ако се согласат повеќе екипи и ние би биле подготвени за игра. Пак ќе кажам, ние сме за што помалку натпревари“, заврши Мијалов.
Ракометната федерација на Македонија засега не излегува во јавноста со евентуален модел за доигрување на Суперлигата.