Денес продолжуваат натпреварите од Првата машка лига, а на 5. кола пред крајот во плеј-оф и плеј-аут фазата, познато е кој ја води листата на стрелци во прволигашкото друштво.
Ракометарот на Кичево, Мојсие Тасески, моментално, се наоѓа на лидерското место на листата на стрелци со вкупно 156 гола, од кои 127 беа постигнати во регуларниот дел од сезоната, додека во натпреварите од плеј-аут фазата, Тасески постигна 29.
На второто и третото место се најдоа двајца членови на Работнички, Давид Димевски и Ѓорѓи Дука. Димевски заостанува шест гола во однос на Тасески, има постигнато 150, од кои 123 во регуларниот дел и 27 во тековните натпревари во плеј-аут и плеј-оф фазата. Неговиот клупски колега, Ѓорѓи Дука се позиционираше на 3 место на листата на стрелци со 149 гола, односно 115 гола во регуларниот дел и 34 гола во разигрувањето за првите позиции на табелата во плеј-офот.
Еден од поискусните во Првата лига, Ивица Илиев, кој е член на Голден Арт, со 145 гола во мрежата на противниците се најде на 4 место на листата на стрелци. Велешанецот во почетната фаза постигна 103 гола, а во битката за суперлигашки статус зад своето име има запишано 42 гола.
По Илиев, следува ракометарот кој играше само во првиот дел од сезоната, Иванче Ончев (Астраион) со 144 гола. Моментално, 6 позиција на листата на стрелци е резервирана за ракометарот од Младост Богданци, Митко Караиванов. Левиот бек со 104 гола во регуларниот дел и 33 во натпреварите од плеј-оф фазата дојде до 137 гола.
Еден од помладите членови во Алкалоид, Тодор Узунчев има запишано 125 гола, но речиси сите погодоци ги постигна во дресот на Партизан. За потсетување, Тодор со неговиот брат, Димитар, направија трансфер во Алкалоид на стартот на новата година. Тодор во Партизан постигна 117 гола, додека во Алкалоид има само 8.
Поранешниот кадетски репрезентативец на Македонија, Ѓорѓи Ташев, е на 8 место со 124 гола. Ташев е предводник на еден од кандидатите за третото место во плеј-оф фазата, Вардар Неготино. Во првата фаза од натпреварувањето во Првата лига постигна 112 гола и додаде уште 12 во натпреварите во плеј-оф фазата.
Во најдобрите десет стрелци, место имаше за уште еден ракометар кој играше само во регуларниот дел. Станува збор за поранешниот член и капитен на Јехона, Адис Салиу со 123 погодоци.
Двајца ракометари, Мартин Серафимов (Алкалоид) и Влатко Тасевски (Куманово) го делат 10 место со 112 погодоци. Репрезентативецот на Македонија, Мартин Серафимов, освен што постигна 79 гола во првата фаза и 33 во плеј-офот, може да се пофали со одлична реализација од седум метри, има 100 % реализација, 16/16.
ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ, ПРВА ЛИГА – ТОП 10
- Мојсие Тасески (Кичево) 156
- Давид Димевски (Работнички) 150
- Ѓорѓи Дука (Работнички) 149
- Ивица Илиев (Голден Арт) 145
- Иванче Ончев (Астраион) 144
- Митко Караиванов (Младост Богданци) 137
- Тодор Узунчев (Партизан Гевгелија/Алкалоид) 125
- Ѓорѓи Ташев (Вардар Неготино) 124
- Адис Салиу (Јехона ) 123
- Мартин Серафимов (Алкалоид)/ Влатко Тасевски ( Куманово) 112