Којовиќ и Сали: Не чека тешка борба против Куманово, но имаме верба една во друга

Ракометарките на Чаир имаа одличен старт во новата сезона во Женската лига и во првото коло убедливо ја совладаа екипата на Спартак со 39:17.

Во следното, второ коло, кое ќе стартува утре, избраничките на Басри Љатифи силите ќе ги одмерат со македонскиот вицепрвак Куманово, кој во првото коло беше поразен од Вардар.

Една од интернационалките во екипата на Чаир, голманката Магдалена Којовиќ се надева дека со нејзините соиграчи ќе ги освојат трите бода против Куманово.

„Викендов не очекува тежок натпревар, тешка борба на две добро подготвени и искусни екипи. Долго се подготвувавме за оваа сезона, знаејќи какви натпревари не очекуваат. На теренот ќе покажеме кој е најдобар и се надеваме дека ќе ги исполниме очекувањата на тренерот и на публиката”, изјави Којовиќ.

Втората голманка во Чаир, Аниса Сали исто така се надева на поволен резултат против македонскиот вицепрвак.

„Не е прв пат да играме со екипата на Куманово и верувам дека оваа сезона сме поподготвени од било кога досега. Имаме верба една во друга, ќе дадеме сѐ од себе за саботниот натпревар. Најсилната поддршка доаѓа од тренерите кои ни даваат волја и исто така поддршка доаѓа и од публиката која е со нас на секој натпревар и верувам дека ќе биде задоволна од натпреварот што ќе го одиграме”, изјави Сали.

Натпреварот меѓу Чаир и Куманово ќе се одигра денеска во салата при ОУ „7 март“ со почеток од 18:00 часот.