В сабота ќе започне Светското кадетско првенство во Македонија, на кој ќе учествуваат 32 репрезентации, кои ќе бидат поделени во осум групи со по четири селекции, а најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза.
Репрезентацијата на Македонија во групната фаза за противници ги има репрезентациите на Сенегал, Узбекистан и Иран, во рамки од групата Б. Избраничките на Љубомир Савевски се фаворити во својата група, но без оглед на лесните ривали, на сите три натпревари ќе треба максимално да се одработи.
Средниот бек на македонската репрезентација, Бојана Коцева се надева дека со нејзините соигрчаки ќе направат голем успех – пласман меѓу 8-те најдобри репрезентации.
,,Јас, како и целата репрезентација имаме големи очекувања за овој Мундијал. Можам да кажам дека имавме напорни подготовки, во кои секоја од ракометарките го даде својот максимум и знам дека со натпреварите што следат, нашиот труд ќе исплива на површина. Желбата која сите ја имаме и сонот што го сонуваме, ќе се покаже со времето. Очекувам влез меѓу најдобрите осум репрезентации”, изјави Коцева за 24Ракомет.
18-годишната ракометарка очекува голема поддршка од трибините во СЦ „Борис Трајковски“. За младите ракометарки ќе биде императив и голема мотивација да играат пред исполнети трибини.
,,Ние сме спремни за првиот предизвик и нашата главна цел ќе биде да завршиме на првото место во нашаат група. Верувам во секоја од ракометарките, бидејќи ланскиот успех на ЕХФ шампионатот во Литванија покажа дека нашата мала Македонија може да направи чуда, спремни сме да го повториме тоа и оваа година на домашен терен, како домаќини и со поддршка од публиката”, заврши Коцева за 24Ракомет.
Прв ривал на Македонија е репрезентацијата на Сенегал. Овој натпревар е закажан за утре, со почеток од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“.
КОМПЛЕТЕН РАСПОРЕД ЗА СП: Македонија е домаќин на најдобрите млади ракометарки од светот