Репрезентацијата на Македонија со победа го стартуваше настапот на Президент Купот на Светското првенство во Полска и Шведска.
Избраниците на Кире Лазаров во дуелот со Алжир славеа со 15 гола разлика, 40:25.
Десното крило Ненад Костески истакна дека победата против селекцијата од Африка
,,После случувањата во Краков на првите три натпревари, ова е важна победа за нас, ги кренавме главите и одиме напред. Овој Президент Куп ќе ни значи многу, ќе се бориме да го освоиме, ова е голема победа и се надевам дека ќе продолжиме во овој ритам”, изјави Костески.
Македонија утре ќе игра против Тунис, додека на 23 јануари за последен ривал од Президент Купот ќе го има Мароко.
,,Се работи за две сериозни репрезентации, кои покажаа во групите добра игра и добри утакмици, им се спротиставија на сите, ќе ги анализираме и Мароко и Тунис и секако, ќе одиме на победа на двата натпревари. Не смееме во никој случај да ги потцениме, бидејќи се работи за сериозни ривали”, додаде Косетски.
Стружанецот смета дека со неговите соиграчи на натпреварот со Алжир немале ниакков притисок, со оглед на тоа дека во „Орлен Арена“ во Плоцк немаше многу македонски навивачи.
,,На натпреварот со Алжир бевме поопуштени, ја игравме нашата игра и изгледаше одлично, задоволни сме сите…Не знам што се случуваше во Краков, но сигурно имаше некој притисок. Да го оставиме тоа зад нас, да ги крениме главите горе и да одиме напред. Јас сметам дека би било одлично да го освоиме овој Президент Куп, кој ќе ни значи многу за во иднина и да продолжиме да работиме, напредуваме и целиме кон поголеми успеси на следните шампионати”, заврши Костески.
Македонија против Тунис ќе игра утревечер со почеток во 18:00 часот. Тунис во првото коло од Президент Купот славеше против Мароко со 30:25.