Костески: Со полна сала можеме до Ф4 во СЕХА лигата!

Екипата на Еурофарм Пелистер утре на свој терен ќе го одигра четвртфиналниот дуел против Мешков Брест во СЕХА лигата. Победникот од овој дуел ќе обезбеди пласман на Ф4 турнирот во Задар и во полуфиналето ќе игра против унгарскиот гигант Веспрем.

Десното крило на Еурофарм Пелистер, Ненад Костески очекува неговиот тим да обезбеди пласман на завршниот турнир во СЕХА лигата, но исто така очекува и голема поддршка од трибините.

,,Ја започнуваме новата сезона, ни следи првиот официјален натпревар. Напорно се подготвувавме за овој важен дуел. Многу важен натпревар за сите нас. Со победа ќе се квалификуваме на завршниот турнир на СЕХА лигата, а тоа би бил преголем успех за сите нас. Мешков Брест е одлична екипа. Без разлика што имаат измени во ростерот, сепак костурот на белоруската репрезентација е во овој тим. Добро се воиграни, играат заедно и се работи за респектабилен тим. Очекуваме поддршка од трибините, нашиот „осми играч“ ќе ни биде најпотребен. Не се сомневам дека ќе биде исполнета салата. Битола живее за овој спорт и верувам дека со наша добра игра и нивна поддршка ќе се радуваме на пласман на Ф4 во СЕХА лигата”, изјави Костески.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мешков Брест што носи место на Ф4 во СЕХА, ќе се одигра во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:15 часот.