Македонскиот претставник во групната фаза од Лига на Европа, Еурофарм Пелистер утре ќе гостува во Германија кај Фуксе Берлин во натпревар од 9. коло.
Бундеслигашот е голем фаворит против избраниците на Ларс Валтер, кои во претходното коло одиграа нерешено против Агуаш Санташ.
Еден од најдобрите стрелци во составот на Еурофарм Пелистер, десното крило Ненад Костески ветува голема борба против силниот тим на Фуксе Берлин, кој во своите редови има многу познати имиња.
,,Се подготвуваме за натпреварот против Фуксе Берлин, иако немаме доволно време за припрема. Вчера игравме против Алкалоид, денес патуваме и имаме многу малку време да се спремиме. Знаеме каков противник имаме против себе, нема потреба да трошиме зборови за Фуксе Берлин, мотивира самата средба против ваква екипа. Ќе се подготвиме најдобро што можеме, па сигурен сум и верувам дека ќе дадеме максимум за што е можно подобар резултат”, изјави Костески.
Натпреварот меѓу Фуксе Берлин и Еурофарм Пелистер ќе се одигра утре, со почеток од 20:45 часот.