Десното крило на репрезентацијата на Македонија, Ненад Костески имаше свој блесок на дуелот против Чиле. Тој одигра одлично во текот на целата средба и успеа да постигне пет гола од шест удари, а го промаши само првиот шут.
Костески покажа дека може да се смета на него многу повеќе во иднина и денеска потврди дека е задоволен од она што го покажа и дека може да биде подобро на следните дуели.
„Пресреќен сум поради победата и што се пласиравме во вториот круг. Ни значи многу. Имаме уште три нови средби против квалитетни ререзентации. Изигравме борбено и машки и заслужено дојдовме до победата. Лично сум задоволен и од минутажата. Го дадов максимумот и мислам дека сите можеме да бидеме задоволни“, изјави Костески.
За утрешниот дуел смета дека ќе мора да се одигра уште поборбено и да се остави срцето на терен.
„Мораме да излеземе на терен и да го оставиме срцето. Да одиграме храбро, а резултатот ќе дојде самиот по себе“, коментираше десното крило на репрезентацијата на Македонија.
Сето она што го покажа досега ќе треба да се повтори и на следните средби против Словенија, Русија и Белорусија.