Репрезентативците на Македонија во текот на вчерашниот тренинг ја дознале среќната вест дека ќе играат на Светското првенство во Египет.
Десното крило, Ненад Костески, ќе го има својот прв настап на големите натпреварувања, а за 24Ракомет ги сподели своите очекувања.
„Веста ја дознавме на вчерашниот тренинг и тогаш стигна информацијата дека ќе патуваме на Светското првенство во Египет на местото на Чешка. Очекувавме во секој момент да пристигне таква вест која вистински многу ни значи на сите. Се наоѓаме во добра група и ниту една репрезентација не треба да ја потцениме. Ќе се обидеме да го оставиме срцето на терен за што поголем успех на Светското првенство во Египет“, вели Костески.
Македонија првиот натпревар во Египет ќе го игра утре против Шведска со почеток од 20:30 часот, а потоа следуваат дуелите со Египет и Чиле.