По поразот од Загреб во регионалната СЕХА лига, ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе се посветат на обврските во Лигата на Европа.
Ривал на избраниците на Жељко Бабиќ ќе биде унгарската Татабања, а десното крило Ненад Костески смета дека не треба во никој случај да биде потценета, бидејќи се работи за искусна екипа.
„По поразот во Загреб мора да издвоиме некои грешки во второто полувреме. Жал ми е, игравме прекрасно прво полувреме, но натпреварот се игра 60 минути. Татабања е одличен противник, во никој случај не смееме да ги потцениме Унгарците. Се подготвуваме, добро ги анализираме и ова за нас се многу битни натпревари и како се подготвуваме верувам дека ќе извојуваме две победи кои многу ќе ни значат. Не смееме да ја потцениме Татабања, иако имаат четири порази. Имаат квалитетна екипа и одлични бекови, кои ако влезат во серија ќе ни направат многу проблеми“, изјави Костески.
Натпреварите меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања се играат во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 17:00 на 10 и 11 февруари.