Машката младинска репрезентација на Косово, која е еден од противниците на Македонија на ЕХФ шампионатот за младинци во Бугарија, ќе настапи со тројца интернационалци во својот состав и ќе се обиде да им ги мати сметките на останатите репрезентации.
Селекторот на младинската репрезентација на Косово,Таиб Кабаши, денес го соопшти поширокиот список на ракометари. Косово на ЕХФ шампионатот за младинци се наоѓа во групата Б заедно со Македонија, Швајцарија, Романија и Украина.
Во составот на Кабаши, кој после подготвителните натпревари ќе го формира конечниот список, место имаше и за тројца интернационалци. Тоа се Ардин Бериша и Олтион Рецај, кои настапуваат во младинскиот тим на Берн од Швајцарија и Ајдин Гаши од сениорската екипа на Босна Тешањ. Останатите ракометари доаѓаат од косовските клубови – Беса, Приштина, Велазними, Кастриоти…
Победникот на овој ЕХФ шампионат обезбедува место на младинското Светско првенство во 2023 во Германија и Грција, додека второто место носи дополнителни квалификации. ЕХФ шампионатот во Бугарија ќе се игра од 16 до 24 јули.