Едно од изненадувањата на Европското првенство, Холандија, пријави дека четворица членови на нејзината репрезентација добиле позитивен тест на коронавирус откако биле направени новите тестирања во нејзините редови. Меѓу новите позитивни играчи се наоѓа и најдобриот стрелец на Европското првенство, Кај Смитс, кој има постигнато 45 погодоци и моментално се наоѓа на лидерското место на листата на стрелци на ЕП.
Освен Смитс, позитивни на последното направено ПЦР тестирање биле и Самир Бенганем, Јаспер Адамс и физиотерапевтот Роберт Бардсе.
Претходно, Холандија во својата експедиција имаше уште шест позитивни играчи, плус тренерот на голманите, Гери Ејлерс, кој бранеше како замена за двајцата позитивни голмани Шелекенс и Равенсберген, како и селекторот Ерлингур Ричардсон. На новото тестирање, Ричардсон повторно бил позитивен на Ковид 19.
Репрезентацијата на Холандија ги извести медиумите дека не е исклучена можноста дополнително да бидат повикани нови играчи за останатите два натпревари од главната фаза на Европското првенство.
Ваквата вест е голем удар за Холанѓаните кои вчера против Црна Гора одиграа одличен натпревар и триумфираа со четири гола разлика 34:30. Ракометарите на Холандија до крајот од главната фаза за противници ги имаат селекцииите на Данска и Хрватска.