Корона е виновна за сè, ама…

До пред неколку месеци за Корона знаев од спортските натпревари. Има неколку екипи кои го носат ова име. Добро, има и пиво, и уште ред производи, но ова не е маркетинг текст, а ниту, пак, мене пивото ми е омилен пијалок. Затоа, пак, во Романија во Брашов има клуб кој не само на европската туку и на светската сцена го проби своето име, но надвор од терените. А тоа се случи уште во ноември, неколку месеци пред вирусот да почне да го тресе светот.

Женскиот ракометен клуб Корона Брашов го потресе ракометниот свет на средина на ноември . Преку ноќ беа откриени неколку позитивни случаи на допинг. Една, па уште една, па… и така за брзо време станаа 19 ракометарки, а меѓу нив и репрезентативката на Македонија, Наташа Нолевска. Сите се најдоа на список на ракометарките кои користеле ласерска терапија во Романија. Ниту една од нив после ова повеќе не настапи за својот тим, а потоа ги немаше и во репрезентациите.

Имаше и реакции дека се шират невистини, но вистината е само во фактите и информациите кои пристигаат од местото на настанот. И како што вели правилото, кога ќе се покрене обвинение, сè додека не се докаже спротивното, дотогаш тој што е обвинет е виновен. Исто како и сега, сè додека не сте излечени, сте носител на Корона вирусот или Ковид 19.

Во декември, Корона, ама оваа од Брашов одново беше во центарот на вниманието. Доби дисциплинска мерка од ЕХФ и шут карта од Купот на ЕХФ. А таму некаде каде што запре Корона Брашов, продолжи Корона, ама во поинаква форма, многу поопасна. Корона вирусот почна да коси во Кина, а никој не очекуваше дека ќе пристигне така брзо во Европа и ќе почне да го зема данокот.

И во целата ситуација, Корона пак удри по ракометот. Во последните денови се откажуваат натпревари, се откажуваат комплетни шампионати, па и Лига на шампиони, регионални натпреварувања… Сите работи водат кон тоа наскоро да биде откажано сè и ракометот да има комплетен стоп и тоа на неодредено време.

Корона почна, Корона продолжи… За да биде поголем „циркуз“ Корона вирусот и попречи на ситуацијата Корона бидејќи ракометарките кои ја очекуваа санкцијата останаа во исчекување, а состанокот беше одложен откако еден член беше „нападнат“ од Корона (вирусот).

И повторно женско име, речиси исто како што им ги даваа и на ураганите кои пустошеа сè пред себе во минатите години. А што ќе ти направи жена, тоа…

Случајност или… Ама името некако чудно се погоди исто во двете тешки ситуации. Заклучокот вели Корона е виновна за сè!

Само нека е за добро и сето ова лудило што побрзо да заврши!