Како и во сите спортски колективи, така и во хрватскиот првак Загреб, платите на ракометарите се намалени за време на пандемијата со коронавирусот.
„Плинарите“ иако имаат финансиска стабилност, сепак решија да штедат. Капитените Златко Хорват и Дамир Бичаниќ, во име на сите играчи ги договориле условите за кратење на платите, иако тоа не наишло баш на одобрување кај сите.
„Играчите прифатија да бидат намалени платите за 50% од март до јуни, но сепак тоа не е баш толку многу, со оглед на тоа што имаат на користење автомобил и храна од клубот. Сите потпишаа анекси на договорите и ја разбираат ситуацијата. За нас вработените во клубот, уште не е одлучено, но мислам дека треба да важи истото. Немаме проблеми во клубот и се надевам дека така и ќе остане“, вели генералниот менаџер Божидар Јовиќ.
Хрватската ракометна федерација реши да ја поништи сезоната и да нема шампиони, па така Загреб не успеа да ја освои титулата по 29 пат.