Ширењето на коронавирусот направи големи проблеми во сите сегменти на живеењето, па така и во спортот. Но се чини дека вистинските последици во ракометот и во спортот воопшто ќе ги видиме кога ќе стартува новата сезона.
Се кратат буџети, се намалуваат плати на ракометарите, се раскинуваат договори, некои клубови и престануваат да функцонираат…Сите европски гиганти како Барселона, Веспрем, ПИК Сегед, Кил…најавија кратење на платите за најмалку 10 отсто, а во Барса на пример ракометарите ќе добијат 70 отсто помали плати.
Каква е ситуацијата во македонските клубови?
Сите се свесни дека ситуацијата налага намалување на буџетите за да може клубовите полесно да ја надминат оваа криза и да може нормално да функционираат. Некои клубови заедно со играчите го договараа намалувањето, а многу од нив решија да ја користат поволноста за минимална плата од 14.500 денари.
Од шампионот Вардар уште пред еден месец, спортскиот директор Давор Стојаноски за 24Ракомет најави дека нема да има кратење на платите во Вардар и се ќе биде исплатено до крајот на сезоната. Таму цела сезона има проблеми со исплатата, но нема најава за кратење, барем кај играчкиот кадар.
Во вицепрвакот Еурофарм Пелистер, иако првично беше најавено дека ќе биде намалени платите за 40 отсто, сепак на крајот според информациите од ракометарите сепак ќе има намалување од 20 отсто, и тоа за месеците април и мај.
Во составот на Металург засега нема најавено колкав ќе биде процентот на намалување на платите, а според информациите од играчите во новата година веќе се доцни со исплатата на платите, па дури стигне на ред кратењето…
Од тимот на Пролет има најави дека ќе се користи одлуката за минимална плата од 14.500 денари што ќе биде исплатена од државата, а оние што имаат повисоки плати, клубот дополнително ќе им ја надомести разликата.
Бутел Скопје ги намали примањата на ракометарите за март за 30 отсто, а веројатно во мај и април ќе бидат намалени за 50 отсто со цел полесно да се надмине овој кризен период. Платите во Охрид за месец март се намалени за 30 отсто, додека за април и мај процентот ќе биде поголем и ќе изнесува 50 отсто. Овие два клуба засега го направија најголемото кратење кај клубовите во Суперлигата.
Од сите клубови има најава дека ќе ја користат најавената помош од Агенцијата за млади и спорт – плата во износ од 14.500 денари за месеците април и мај, за сите вработени во клубовите, како и за ракометарите што имаат не поголем договор од 39.900 денари.