Репрезентациајта на Шпанија го освои бронзениот медал на Светското првенство откако во натпреварот за трето место ја совлада Франција со 35:29. Шпанците го контролираа натпреварот во текот на сите 60 минути и заслужено го освија бронзениот медал.
Натпреварот за утешниот медал започна во многу брз ритам и високо темпо. Акциите се завршуваа многу брзо после само неколку додавања. Во ваквата игра на почетокот подобро се снаоѓаа Шпанците. Тие го имаа почетното водство после неколку минути игра беше 4:0, а потоа и 7:2.
Родриго Коралес добро влезе во натпреварот и бранеше удари од секоја позиција, за 20 минути собра вкупно осум интервенции. Предноста кој ја создадоа Шпанците успешно ја одржуваа во текот на првиот дел со висок процент на реализација на нападите, а имаа и голема помош од Французите кои играа многу слаба одбрана.
Во 25. минута Фрнција намали на 10:13 и имаше напад да се доближи на минус два, но уште еднаш Коралес ги сопре, а потоа направија техничка грешка која им овозможи на Шпанците повторно да се вратат на безбедна позитива. До крајот на првиот дел остана три разлика и на полувреме Шпанија имаше водство од 16:13.
На почетоток на вториот дел Франција намали на минус еден, 15:16 и се закани, но потоа Шпанците многу брзо ја вратија предноста која ја имаа во најголемиот тек од наптреварот. Шпанија без многу проблеми го контролираше резултатот и сигурно го водеше натпреварот до конечна победа.
Највисоката предност што ја имаше Шпанија беше седум гола, а во завршницата на натпреварот Франција само го ублажи поразот. Овој триумф на Шпанците значеше освојување на бронзен медал за третпат во историјата на светските првенства. За играч на натпреварот беше прогласен голманот на Шпанија, Родриго Коралес кој имаше 18 интервенции.