Поранешниот ракометар на Вардар, Глеб Калараш, кој во македонскиот шампион пристигна во текот на 2018 година и во првата сезона со Вардар ја освои титулата во Лигата на шампионите, реши да остане во Бундес лигата, поточно во екипата на Мелсунген која е предводена од екс тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.
Рускиот ракометар ја засили екипата на Мелсунген пред седум месеци, а главниот иницијатор за неговиот трансфер од Балинген во Мелсунген беше токму Роберто Гарсија Парондо.
Тренерот од Шпанија и Калараш имаа одлична соработка во Вардар, па така интернационалецот од Русија не се двоумеше многу околу продолжување на договорот и потпиша нова соработка со Мелсунген, но истата ќе важи до крајот на 2022 година. Со продолжувањето на договорот, искусниот ракометар ќе има повторно можност да игра во најсилната лига во светот.
Кружниот напаѓач во новата сезона минутажата ќе ја дели со репрезентативецот на Исланд, Арнар Арнарсон, а на крајот од оваа сезона од клубот си заминува пикерот на хрватската репрезентација, Марино Мариќ.
За следната сезона беа ангажирани Адам Моравски од Висла Плоцк, Давид Мандиќ од Загреб и клупскиот колега на Филип Кузмановски од Хановер, Иван Мартиновиќ.