Хаосот кој го остави првата година од ковид пандемијата на светот, започна да се средува во втората година. Големите организации се консолидираа создадоа свои правилници и мерки и најважно учеа од своите грешки.
Ако ЕХФ на почетокот за секое закашлување го ставаше цел тим во изолација, работите полека започнаа да се менуваат, па дојдоа до ниво кога само заболениот се изолира. И не само ЕХФ, спортот воопшто: ФИФА, УЕФА, ФИБА, Олимпискиот комитет… полека се прилагодуваа кон новата реалност. Ама СЕХА застана во времето. Во време кога не се знаеше ништо за смртоносниот вирус, кога немаше протоколи за лечење, за вакцинирање, за превенција… Додека полека го забораваме периодот кога владееше паника во светот, паника завладеа во седиштето на СЕХА, ППД Загреб испадна во четвртфиналето. Па мораше да се врати во времето и да покаже дека „сите за еден“ правилото повторно е во мода ама само во регионот.
СЕХА се повика на европските уредби во духот на државата која ја избра за седиште. Си најде сојузници, измисли нови правила или им даде послободно толкување на актуелните, ги наведна главите пред посилните и го исфрли Вардар од завршниот турнир во Задар.
И така наместо спортски, политички започнува завршницата на 10 сезона во СЕХА лигата. Наместо спектакл во Задар, во кој ќе се борат најдобрите четири екипи оваа сезона, на зелена маса со многу чудна одлука по препорака на некој релевантен или помалку релевантен, без потврда од институција одлучено е дека Загреб мора да игра на Фајнл Фор тунирот во СЕХА. За жал на сметка на македонскиот првак Вардар. Чудната сезона, со многу отстапки кои ја доведуваа во прашање нејзината регуларност (Веспрем и Мешков играа директно во четвртфинале) кулминира со бламажа во организација на раководните лица на СЕХА лигата. Додека се прашуваме дали некој се исплаши од Вардар, или некој се исплаши дека нема спонзори ако не се игра СЕХА полуфинале… Одлуката на маса е донесена, бламот доби своја официјална потврда.
Сè е добро кога добро ќе се заврши?!
Тренерот на Вардар уште пред четврфиналето најави дека најдобро е Вардар да патува директно од Загреб кон Задар, алудирајќи на победа во двомечот. Победата се оствари, но патот се промени па Вардар место во Задар, СЕХА го испрати во Скопје. Дека Загреб мора да се појави во Задар ни стана јасно уште по првите неколку свирежи на словачкиот судиски пар. Замижавме покрај сите судиски одлуки, замижавме покрај спортските неправди, само затоа што Вардар и покрај сè имаше резултат кој го води меѓу најдобрите четири екипи од регионот.
Вардарци заминаа со негативни тестови за Загреб, пристигнаа, тренираа, победија и… се појави позитивен случај на ковид 19. Еден од поискусните ракометари кој нема никакви симптоми мора во изолација. Тестот е направен на денот на натпреварот, а ракометарот е на терен заедно со сите од двете екипи. Се ракуваат, гушкаат и поздравуваат со противничките играчи пред и по завршување на двомечот и заминуваат во соба. Следниот ден добива позитивен тест со решение за изолација. Организаторот СЕХА се консултира со Ковид редарите во Задар и некој од епидемиолозите во Загреб и одлучуваат сите кои не се вакцинирани со втора доза вакцина, а имале контакт со заболениот да одат во изолација и тоа 14 дена… или да си го фатат патот кон дома!
Меѓутоа таа одлука важи само за играчите на Вардар, бидејќи Хрватите не ги фаќа корона така, веројатно за нив важат актуелните правила, тие сепак се во ЕУ. И така ППД Загреб се дотурка до Задар, покажа дека клубот е помоќен од организацијата СЕХА и на крај двапати го подвлече зборот нерегуларност во оваа јубилејна сезона на некогаш моќната регионална лига.
Подемот и падот на СЕХА лигата
СЕХА важеше за реномирана и добро организирана лига. Низ девет Ф4 турнири и исто толку сезони, минаа значајни екипи. Од година во година растеше и се развиваше во насока на најсилните лиги во светот, се вклучија Унгарците, Словенците, Русите, но потоа и Кинезите…Дека нешто не штима во СЕХА лигата предупредија Словенците кои бргу излегоа, а потврдата дека повеќе наликува на приватен проект отколку глобална атракција пристигна преку кинескиот Пекинг Универзитет.
Ако се сакаше…
Ниту СЕХА Ф4 е првиот мега настан кој се организира во услови на пандемија, ниту немаа од каде да земат примери, да препишат правилници и да постават стандарди. ИХФ и ЕХФ успеаа да организираат посериозни настани со поголем број тимови без проблеми и скандали. Во услови далеку посериозни од овие сега, кога сè уште немаше избор дали ќе се вакцинираш или не.
Данска со сите свои правила и протоколи брилираше со организацијата на женското Европско првенство. Сè беше запишано според правилник и сè беше заведено според строгите протоколи на тамошните здравствени власти. Токму Хрватска најдобро ќе го памети тоа првенство, изгледа не по организацијата туку само по успехот кој го постигнаа. Се правеа редовни рутински контроли за ковид 19, секој втор ден. Позитивните се изолираа, заедно со нив и цимерите кои по добиен негативен тест повторно се враќаа во составот.
На сличен начин и по исти правила се одигра и Светското машко првенство во Египет…
Ниту Хрватска е Данска, ниту Задар е Алборг. Ниту ковид состојбата е идентична како пред шест месеци или една година. Земја во која туризмот е главен приход за огромен број семејства, е далеку од строгите и ладни мерки на Данците. Особено што градот домаќин на СЕХА Ф4 турнирот, Задар, е туристички град, па во екот на сезоната е преплавен од туристи, но и преплавен со ковид позитивни. И покрај тоа што е во црвена зона, Задар нема никакви дополнителни мерки со кои би се заштитил на локално ниво. Истото важи и за Хрватска која се уште ги цеди последните пари на туристите кои ја посетуваат. Токму затоа препораките кои хрватскиот епидемиолог од Загреб или ковид редарот од Задар ги дале, за ризикот целиот тим на Вардар да ја прошири пандемијата исто толку се смешни колку и трагични.
Наместо организаторот да ја обезбеди сигурноста на тимот додека се натпреварува со свои протоколи и правила кои треба да гарантираат непречено одржување на јубилејниот Ф4 турнир, СЕХА се прогласи за неспособна, го означи Вардар како епицентарот на заразата и повикувајќи се на таа неспособност ја внесе опцијата „чистиот“ Загреб бесправно да учествува на овој турнир.
Без разлика дали одлуката потекнува од комшиската канцеларија на ППД Загреб или од сопственикот на лигата Мешков Брест е срамна за ракометот, за спортот, за имиџот на лигата и нејзината иднина…
Супер план- за СЕХА блам!