Норвешкиот шампион Колстад е прв ривал на Еурофарм Пелистер во рамки од Лигата на шампионите.
Амбициозниот тим, кој местото во елитата го заработи преку вајлд-карта, во Битола доаѓа со големата ракометна ѕвезда Сандер Сагосен.
Според информациите на медиумите од Норвешка, Сагосен е целосно подготвен за првиот натпревар во европската елита.
Како што е познато, левиот бек на стартот на сезоната имаше мала повреда и поради тоа не настапи во второто коло од норвешкиот шампионат.
Кристијан Берге за утрешниот дуел со Еурофарм Пелистер на располагање нема да го има Магнус Род.
Довчерашниот член на Фленсбург поради мала повреда ќе паузира одреден временски период, но се очекува да игра на вториот дуел, против тимот на Келце.
Утрешниот дуел меѓу Еурофарм Пелистер и Колстад се игра со почеток од 18:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.