Колстад и Сагосен немоќни пред налетот на Келце

Полскиот првак и европски вицепрвак Келце се рехабилитираше за поразот во првото коло од Лигата на шампионите, откако славеше на гостински терен кај норвешкиот Колстад со 32-30. Иако можеа да го решат победникот уште на стартот на вториот дел, избраниците на Талант Душебаев ја искомплицираа работата во финишот. Сепак не дозволија комплетен камбек на Колстад и на крајот се израдуваа на двата бода.

Во првите петнаесетина минути се играше израмнето, Колстад парираше на гостите од Полска, кој по неколкуте одбрани на голманот Валах, почнаа да прават разлика. Беше 11-9 за Келце, потоа со серија од четири гола полскиот тим замина на плус шест.

Сагосен промаши два пати во финишот на полувремето, па Душебаев се погрижи за предноста од шест гола да биде и на паузата, 17-11. Карачиќ во вториот дел му донесе на Келце и плус седум, 21-14, но домашните не се откажуваа од камбек. Бергеруд бранеше во серија, Алекс Душебаев згреши на два пати, па Колстад се врати на минус три, 21-18.

Јоханесен донесе минус два, 30-28, но потоа Колстад промаши пенал, а Сичко казни на спротивната страна и немаше време за домашните да сторат нешто повеќе освен да се изборат за чесен пораз.

Најдобар стрелец кај победникот беше Сичко со шест, а по пет гола дадоа Морито и Турна, додека голманот Валах имаше 13 интервенции. Кај Колстад, Јоханесен беше стрелец осум пати, а по шест гола имаа Сагосен и Лисе, но со лоша реализација.