Романскиот портал „ГСП“ ги објави платите на тренерите од учесниците во Лигата на шампионите од изминатата сезона, како и платите на тренерите кои ги предводат женските клубови во Романија. Тренерите на екипите кои учествуваат во Лигата на шампионите се платени според нивниот учинок и буџетот на клубовите. Нивните договори се движат од 4.000 до 13.000 евра.
Според наведениот портал, најплатен тренер во Европа е шпанскиот стратег, Амрош Мартин. Актуелниот тренер на Ѓер има месечна заработка од 13.000 евра. Ѓер во изминатата сезона иако важеше за голем фаворит за освојување на титулата во Лигата на шампионите, сепак, тимот не успеа да го освои првото место, откако во финалето беше поразен од актуелниот бранител на титулата, Вајперс Кристијансад.
Швеѓанецот Пер Јохансон, кој до почетокот на конфликтот во Украина беше тренер на Ростов Дон, имаше месечна плата од околу 10.000 евра. Сепак, поради ситуацијата во Украина, искусниот тренер одлучи да го напушти рускиот клуб и да се врати во својата татковина. Месечната плата на тренерот на Сара Ристовска во ЦСКА Москва, Флорентин Пера, е околу 8.000 евра.
Што се однесува до тренерот на Вајперс Кристијансад, Оле Густав Гјекстад, неговите месечни примања се околу 6.000 евра. Буџетот на норвешкиот клуб е 2,5 милиони евра, а во изминатата сезона дресот на Вајперс Кристијансад го носеше една од најдобрите ракометарки на светот – Нора Мерк.
Скоро слични плати имаат и другите тренери кои ги одведоа своите тимови на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во Будимпешта. Емануел Мајонад од Мец и предводникот на Есбјерг, Јеспер Јенсен, месечно заработуваат околу 6.500 евра. Тренерот на Будуќност, Бојана Поповиќ и довчерашниот тренер на Подравка, Невен Хрупец, во минатата сезона месечно заработувале 4.000, односно 5.000 евра.
Во романската лига, тренерот на ЧСМ Букурешт, Адриан Василе, моментално, заработува 10.000 евра. Карлос Вивер, кој со Рапид Букурешт го симнаа градскиот ривал и ја освоија шампионската титула во Романија, има месечна плата од 6.500 евра.