Тренерот на Вардар, Едуард Кокшаров после средбата против Војводина го даде своето видување за сработеното на овој дуел на кој немаше дел од ракометарите.
„Имаме свои планови и работиме според нив. Вчера имавме тежок натпревар и имаме доста повредени ракометари. Сакавме да играме на победа, а некои играчи да ги одмориме бидејќи не чека уште еден тежок дуел следната сабота против Келце во Лигата на шампионите. Сакаме да играме полека и да победиме против секого, а тоа нѝ успеа и денеска. Им честитам на играчите за остварениот триумф“, изјави Кокшаров на пресот после дуелот со Војводина.
Тој го даде својот коментар и за играта на голманите и на одбраната.
„Би сакал да имаме голмани со по 20 одбрани на секој натпревар. Сепак, мораме да играме поинаку одбрана, така беше и вчера против Мешков Брест. Ние на тој натпревар примивме 30 гола, но имавме многу прекини на нападот на противникот. Имавме многу промени на играчи, а тоа се одразува на нашата игра. На некои им треба повеќе време за да се вклопат во системот на играта. Мораме да имаме трпение. Нашата цел е да ја минеме групата и да бидеме меѓу шестте екипи кои ќе одат во елиминациите. Главното ќе дојде дури во февруари“, рече Кокшаров.
Следната средба за Вардар е в сабота против Келце во рамки на Лигата на шампионите.