Голем број од репрезентативците на Русија никогаш повеќе нема да бидат повикани во националниот тим што е резултат на катастрофалниот настап на Европското првенство.
На извршниот одбор на Федерацијата на Русија кој заседаваше во текот на вчерашниот ден, претседателот Сергеј Шишкарев најави ригоризни мерки за дел од играчите кои играа на ЕП.
„Да кажеме дека имавме неуспешен настап на Европското првенство се премногу благи зборови. Ова е нашиот најлош резултат во историјата. Разговорите околу проблемите беа искрени и сфативме дека нашиот машки ракомет го има зафатено сериозна болест. Четири или пет играчи сигурно нема да бидат повеќе дел од репрезентациајта барем додека јас сум претседател. Овие играчи не сфатија дека со националниот дрес оди и одговорноста пред навивачите и оние кои многу години вложиле во развој на многу генерации на играчи. Заборавија да ја бранат честа на нацијата. Дресот на репрезентациајта го сфатија како обичен дел од опремата“, коментираше Шишкарев.
Шестмина играчи од рускиот национален тим се членови на европскиот шампион Вардар, па интересно ќе биде да видиме дали меѓу оние што нема да играат за репрезентацијата има и вардарци.
Шишкарев се осврна и на женската репрезентција на која Мартин Амброс останува селектор, но имаше замерки затоа што Русија не го освои златниот медал на Мундијалот.
„Настапот во Кумамото го оценивме како задоволителен. Признавам имаше тешки разговори, имаше и доста прашања за стручниот штаб. Поразот во полуфиналето од Холандија е понижувачки, бевме апсолутни фаворити на тој дуел. Драго ми е што е избегнат конфликт помеѓу нашиот најдобар тренер Евгениј Трефилов и Мартин Амброс. Сега главен фокус е квалификацискиот турнир за Олимписките игри. Нема да ни биде лесно иако сме фаворити во дуелите против Унгарија и Србија, тоа не смее да не опушти“, заврши Шишкарев.