Шведскиот портал „Хендболсканален“ ја разбранува европската ракометна јавност во првите денови од 2022 година со објавената сторија за наводно наместени натпревари во Лигата на шампионите кај мажите и во Лигата на Европа кај жените.
Според пишувањата на шведскиот портал (вртоглав пад на коефициент за победа на домаќинот, зголемување на хендикепот за победа на домашниот тим, победа со шест гола разлика, како и 19 спорни ситуации), може да се претпостави дека станува збор за дуелот меѓу Монпелје и Мешков Брест, кој заврши со 32-26.
Вториот сомнителен натпревар е дуелот од второто квалификациско коло во женската Лига на Европа меѓу шведскиот Хор и српскиот Раднички Крагуевац. Раководните лица на шведската екипа одамна го пријавиле случајот во ЕХФ и се соменваат во регуларноста. Домашниот тим во Србија славеше со 23-22, а судиите досудија дури 14 пенали за Раднички. За гостите има само три и дури девет исклучувања.
Шведскиот клуб обвинува дека судиите од Романија (Диана Кармен Циулеи и Силвиа Станеску) не им дозволиле во повеќе ситуации во финишот да постиигнат погодок, а домашните ја имале топката во раце без да им биде одземена поради пасивен напад. Делегат на оваа средба бил Синиша Рудиќ од Хрватска. Од шведскиот клуб ја побарале видео снимката од овој натпревар во Крагуевац, но не ја добиле.
Европската ракометна федерација денеска се огласи со сооштение по повод овие написи и вели дека во моментов не се води никаква истрага за споменатите натпревари. Од Виена, одговорот е дека веќе била спроведена истрага уште порано за мечот меѓу Хор и Раднички Крагуевац, но било утврдено дека нема никакви неправилност и случајот е затворен.
ЕХФ побара од шведскиот портал доколку има докази дека натпреварите се наместени да ги приложи и потоа правните органи да се занимаваат со тој случај.
СКАНДАЛ на повидок – откриен наместен натпревар во Лигата на шампионите!