Репрезентативниот голман на Црна Гора, Небојша Симиќ кој настапува во Бундес лигата во екипата на Мелсунген е препознатлив по неговата реакција после одбранет удар со која ги крева соиграчите и навивачите.
Симиќ во интервју за црногорскиот сајт reprezentacija.me говореше за неговите реакции на теренот и за тоа кога би одлучил да стави кај на кариерата. Исто така тој истакна дека сака да има интеракција со публиката и тогаш го дава максимумот на теренот.
„Реакцијата доаѓа спонтано. Секогаш играм со срце и кога се полни трибините и ме бодри семејството толку се внесувам во натпреварот што во одредени моменти не знам што правам, ме носи еуфоријата. Едноставно го сакам тоа, сакам да сум енергичен, да правам спектакл. Сакам кога публиката одговара на моите емиции и тогаш давам многу повеќе од себе отколку што е тоа на други натпревари. Ако еден ден дојде тој момент да престанам да ги славам моите одбрани или да не се нервирам за ракометот тогаш ќе ја завршам кариерата“, рече голманот на репрезентацијата на Црна Гора.
Симиќ со својата репрезентација требаше да се сретне со Чешка во борба за пласман на Светското првенство во Египет во 2021 година, но одлуката на ЕХФ беше Црна Гора да биде елиминирана без двобој како што беше случај и со Македонија. На оваа одлука Симиќ имаше бурни реакции на социјалните медиуми кон ЕХФ, па единствена шанса неговата репрезентација на игра во Египет е добивање на вајлд карта.