„Кога дојдов во репрезентација ми зборуваа дека никогаш нема да станам играч“

Поранешната репрезентативка на Србија и екс ракометарка на Вардар, Драгана Цвијиќ, која моментално настапува за некогашниот европски гигант Ференцварош, во интервју за телевизијата ,,NSO” зборуваше за тоа како реагирала на негативните коментари од тренирите при почетокот на нејзината кариера, но и кога станала член на српската репрезентација.

Цвијиќ истакна дека на помладите играчи, посебно на оние кои се уште се наоѓаат на почетокот и започнуваат со тренинзи, потребно им е голема поддршка наместо негативни коментари, со кои се обесхрабруваат.

,,Тренерите понекогаш ве повредуваат за да ги подобрите своите вештини. Што се однесува до мене, не се согласувам со овој метод, но некој работи на овој начин, а треба да ги поддржува своите играчи. Кога бев млада, ми беше потешко да се справувам со овие негативни коментари, но секогаш имаше некој до мене кој ме поддржуваше. Посебно ми помогнаа Маја Савиќ и Бојана Поповиќ и ми објаснија да не обрнувам големо внимание на таквите коментари. Кога станав член на српската репрезентација слушнав бројни коментари дека никогаш нема да станам добар играч. Сега дојдов до точка кога сакам да ги заштитам младите кои страдаат од такви навреди. Како можеш со сигурност да кажеш дека девојче на 13 или 14 годишна возраст не е талентирано? Секоја е талентирана за нешто и има потреба од голема поддршка”, изјави Цвијиќ.

Искусната ракометарка го носеше дресот на Вардар во сезона 2017/18 и со ,,црвено црните” го освои сребрениот медал на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.