Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија пред два дена ја потврди претходно донесената одлука за проширување на Суперлигата следната сезона.
Од првата лига во елитната конкуренција влегоа КЛ7, Астраион, Тиквеш, Јуниор КВ, Прилеп и Младост Богданци.
По долги години и по успесите на Зомимак и МАКС Струмица, љубителите на ракометот од овој град повторно ќе гледаат елитни натпревари.
Од раководството на струмички Астраион велат дека веќе се работи на дефинирање на амбициите на клубот за претстојното деби во елитната конкуренција.
„Со самото основање пред неполни пет години на тогаш ракометната школа Астраион, ние група од неколку ентузијасти и зависници од ракометната игра, цврсто бевме решени да направиме екипа што ќе ја продолжи традицијата на овој спорт во Струмица. Претходните две години работевме на организацијата на клубот и на создавање на база од домашните играчи, а тоа е најважната заложба на Астраион – потпирање на нашата школа која веќе почна да дава резултати“, вели Ратко Макенаџиев, член на раководството на струмичкиот клуб за 24Ракомет.
Сениорската екипа лани не успеа да се избори за место во Суперлигата, а оваа сезона тоа се оствари и покрај тоа што не се одиграа сите натпревари до крај.
„Пред почетокот на втората сезона од нашето учество во Првата лига, цврсто бевме решени да се бориме за влез во Суперлигата и затоа го донесовме Мите Караиванов во нашиот клуб, а тој заедно со Иванче Ончев како најискусни дадоа сигурност во играта и беа мотивација за помладите да го дадат максимумот на теренот. Како резултат на тоа, бевме први во групата со солидна предност пред другите клубови и заслужено се пласиравме во Супелигата“, продолжува Макенаџиев.
Играњето во елитната конкуренција бара многу повеќе напори – како играчки и организациски, така и финансиски.
„Во моментов се работи на дефинирање на плановите и размислувањата кои и какви играчите ни требаат како засилувања за следната сезона. Не би биле спортисти или спортски работници, ако не размислуваме само на успеси и победи. Најголем успех за нас ќе биде кога во Струмица ќе се игра врвен ракомет, ќе се бара билет повеќе и костурот на екипата ќе бидат играчи од нашата школа. Тогаш ќе можеме да кажеме дека сме ја оствариле целта и ќе оставиме традицијата и ракометот да го продолжат помладите генерации во нашиот град“, заврши Макенаџиев.