Ковид 19 и во Металург, еден ракометар и член на стручен штаб во изолација

Eкипата на Металург се најде во незгодна ситуација пред заминувањето за Франција. После добрите резултати на сите тестирања досега за Ковид 19, пред дуелот со Тулуз работите не одат во тој правец.

Првпат е објавена вест дека еден ракометар и еден член на стручниот штаб се позитивни на тестирањето за коронавирусот така што тие ќе мораат во десетдневна изолација што значи дека ќе ги пропуштат првите два натпревари во групната фаза од Лигата на Европа.

„РК Металург до денес успеваше да се заштити од Ковид 19 и искрено бев среќна поради тоа. Сведоци сме дека последните денови вирусот нападна преголем дел од населението, како и ракометните клубови. Исклучок не е ни Металург. Од последното тестирање во минатата недела до денешното, за жал имаме два позитивни случаи, од кои еден е играч, а еден е член на стручниот штаб. И двајцата се без симптоми и се во добра здравствена состојба. Ќе ги испочитуваат протоколите и ќе останат во изолација до следното тестирање за 10 дена. Им посакувам брзо оздравување. Сите други се тестирани и се негативни. Најодговорно тврдам дека сите мерки за заштита беа запазени, а играчите, стручниот штаб, како и управата максимално се придржуваа на препораките“, вели претседателката на Металург Зорица Блажевска.

Металург треба да замине за Франција в понеделник, но ќе мора без ракометарот и членот на стручниот штаб.