Ракометната Федерација на Македонија на вчерашниот состанок на УО ја потврди претходно донесената одлука со која во македонската Суперлига ќе се натпреваруваат 16 клубови, наместо досегашните 12.
Место обезбедија и најдобрите шест прволигашки екипи, меѓу кои и КЛ7, клубот што по една сезона во прволигашкото друштво, ќе игра во Суперлигата. Оттаму велат дека целта е остварена.
„Целта на клубот кој од август 2019 стана нов ракометен субјект во Првата лига, беше влез во Супер лигата преку квалитетен тренажен процес и професионален развој на младите играчи. Со овој чекор напред и учество во најсилната домашна лига ќе се засили и досегашната обемна работа, но и мотив за постигнување на повисоки резултати. Со ангажманот на талентираните млади домашни играчи, максимална посветеност и работа покажавме дека може и мора да се даде можност на нашите ракометари. КЛ7 во март се ребрендира и во Суперлигата ќе настапува со ново име Голден Арт КЛ7. Со долгорочни цели поставени на здрави основи, дисциплина и континуирана професионална посветеност Голден Арт КЛ7 продолжува во Суперлигата“, се вели во соопштението од новиот суперлигаш.
Покрај Голден Арт КЛ7, во Суперлигата ќе играат Астраион, Прилеп, Тиквеш, Јуниор Кисела Вода и Младост Богданци.