Клупска икона на Вардар – Зоран Петковски слави 25 години дел од „црвено-црното“ семејство

Еден од ретките што бил во соблекувалните во Расадник, во СЦ Кале, во СЦ „Јане Сандански“. Со 15-тина трофеи освоени со клубот, дел од најголемите успеси кога Вардар го почнуваше пробивањето низ европското ракометно небо. Играч со многу вардарови ѕвезди, трениран од многу познати светски тренерски имиња што биле дел од клубот. Од играч легенда сега со задача да создаде генерација што за неколку години ќе биде идол на некои нови генерации.

Со освојувањето на две шампионски титули во Европа, петте во СЕХА лигата, тимот на Вардар си обезбеди место во ракометната куќа на славните. Со тимот во нејзе сигурно запаметени остануваат и многу од играчите кои лавовски се бореа и последниве 6-7 години станаа идоли на многумина млади. Но, Вардар е иституција која постои од 1961 година, и низ овој период низ соблекувалните минале многу ракометари, тренери, познати европски и светски имиња.

Некои останувале, една, две… некои три, пет години. А има и такви кои му се верни на клубот и со децении. Ако претседателот Михајло Михајловски го има најдолгиот стаж, од 30 години, веднаш до него со 25 љубов, верба, лојалност и посветеност на клубот е Зоран Петковски. Поранешниот голман сега е дел од поширокиот стручен штаб, одговорен за кадетската и младинска генерација на Вардар.

Беше дел од репрезентацијата на Македонија на СП 1999 во Египет. Беше селектор на младинската репрезентација на Македонија која избори пласман на ЕП во Австрија. Еднаш вардарец – секогаш вардарец. Така би можело да се опишат овие 25 години колку што Петковски е дел од вардаровиот тим. За 15-тината титули колку што има освоено со Вардар можеше да се радува на терен, а оние другите заедно со управата, тренерите и другите членови на тимот.

„Од 1989 година до 1993 бев Вардар, па потоа две години играв во Повардарие, две години во Пелистер, две години во Јафа Промет, бев кратко во Турција и од 1999 сум повторно во Вардар. Вкупно 25 години. Играв со Вардар во Втората лига на СФРЈ, следната година се распадна Југославија, па имаше некоја скратена лига. На Вардар му се укажа шанса покрај Пелистер, кој беше единствен професионален клуб во Македонија, да играме во Југословенската лига и ги игравме натпреварите во Расадник. Тоа беше генерација во која покрај мене играа и Тони Николовски, Аце Станковски, Жерка, Сречко Георгиевски…се менуваа многу играчи“, се присетува Петковски на времето кога Вардар почна да станува препознатливо име во ракометниот свет.

А додека да стигне Вардар до европските врвови не беше така лесно и едноставно. Ракометот не беше толку популарен во Скопје.

„Во почетокот Вардар не беше организиран на вакво ниво, но тогаш започна да прогресира малку по малку секоја година. Тогаш Михајло Михајловски вложуваше многу. Требаше да потиснеме некои ракометни центри и клубови, како Пелистер, Борец и останатите…Се одеше чекор по чекор и Вардар во 1999 година стана првпат шампион, чекор по чекор се воздигнуваше и го потисна Пелистер прво во домашна лига. Потоа дојдоа и настапите во Лигата на шампионите, битките со Металург, а од 2012/2013 Вардар уфрли на „брз колосек“. Во моето време во Вардар играа Стевче Алушовски, Александа Јовиќ, Ванчо Димовски, Игор Котевски, Данило Брестовац, Пепи Манасков, Кире Атанасовски, Олег Малцев, Александар Петровски, Бранко Ангеловски. Бевме претежно македонски играчи засилени со неколку интернационалци и доаѓаа квалитетни играчи“, вели Петковски.

ПЕТКОВСКИ БЕШЕ ДЕЛ И ОД ЛЕГЕНДАРНИТЕ ДУЕЛИ НА ПЕЛИСТЕР И НА ЈАФА ПРОМЕТ

Во играчката кариера некои натпревари сигурно ќе останат запаметени. Вардар секогаш беше во преден план, но Петковски беше и дел од легендарните дуели на Јафа Промет и Пелистер. Со ресенчани играше во групната фаза од ЛШ, а со битолчани во полуфиналето на КПК на легендарните дуели со германски Лемго.

„Се сеќавам на дуелот со Шахтјор, кога со Јафа Промет стигнавме до групите во Лигата на шампионите. Во реваншот имаше ситуација кога домашните можеа да победат, но јас одбранив пенал на седум секунди до крај и со тоа остана реми, а со голот предност од Ресен, Јафа се пласира во групите, но клубот беше пред распад. Со Вардар влеговме во ЛШ исто така преку квалификации кога го елиминиравме тимот на АСКИ Анкара, но тогаш немавме многу авторитет како клуб, како сега што го има. Се сеќавам на натпревар во Веспрем во групната фаза, кога им се приближивме на еден разлика во 55 минута. Ние сме во напад, а судиите не досудија фаул за нас иако Манасков имаше играч на грб, и беше силно влечен и удиран. Манасков реагираше па доби прво опомена, па две минути, па црвен картон и на крај загубивме три или четири разлика. А имавме навистина добра екипа“, вели Петковски.

Но со толку долг стаж како дел од Вардар има и многу други натпревари на кои сигурно било неизвесно, застанувал здивот, адреналинот бил качен на максимум.

„Секогаш ќе се сеќавам на победата над АСКИ Анкара кога Вардар првпат се пласираше во групната фаза на тогашниот Куп на европските шампиони. Седевме четири дена во Анкара бидејќи немаше летови да се вратиме во Скопје. Секогаш неизвесни беа Куп натпреварите кои ги игравме во Кавадарци каде што се боревме со Пелистер. Па мечот со Тутунски Комбинат кога ни судеше судиска двојка од Прилеп кои не знаеја како да им помогнат, па судеа пенали. Но ги победивме.

Тоа беше период кога Вардар и Пелистер беа главните во македонскиот ракомет. Па и кариерата ја заврши на натпревар против битолчани.

„Последниот свиреж во СЦ Кале нормално дека го паметам кога мерачот на време, Томче го стопираше времето на последниот натпревар против Пелистер кога ми застана грутка во грлото која уште ми стои. Тоа значеше крај на моето играње, вели Петковски.

ВАРДАР БЕШЕ ПОВЕЌЕ ОД КЛУБ – БЕВМЕ СЕМЕЈСТВО

Вардар беше и повеќе од клуб. Тоа беше семејство кое живееше заедно. Кога имаше прослави после секоја важна победа, кога претседателот Михајловски ги чека во ноќта да се вратат и заедно да се радуваат. Заеднички прослави кои го подигаа моралот кај играчите.

„ Се сеќавам како сега на оние прослави кои ги имавме. Михајло Михајловски ќе не пречекаше во Три бисери и не чекаше после добиен натпревар во Битола. Во Расадник бевме другари. Тука во Расадник владееше другарство меѓу нас и со еден двајца странци сите бевме домашни ракометари и на некој начин сите бевме како семејство. Многу брзо почнаа да растат амбициите. Со самото селење во СЦ Кале почнаа да се менуваат и да доаѓаат сериозни тренери како Живковиќ, Обрадовиќ, Периќ, Ѓукиќ… Продефилираа квалитетни тренери за на крај да дојде до Веселин Вујовиќ, кој мислам дека е пресвртница во тој дел. Даде голем импулс за да се промени она што недостигаше бидејќи реална спортска закана беше Металург кој со ангажирањето на Червар ги постави работите на едно доста високо ниво. Па беше и пандан во некои работи сво својата поставеност и со прв тим и со младински категории каде имаше големи успеси. Вујо дојде и пркосеше и направи нешто што за нас како клуб беше отскочна даска, вели Петковски.

Но, во играчката кариера има и моменти што сакаш да ги заборавиш побрзо, што помалку да се присетуваш на некој пораз, ситуација, лош ден, тренер со кој не си соработувал…

„Неправди постојат. Сепак, зависи како ја гледаме. Дали сме објективни или субјективни. Додека си играч малку поинаку ги гледаш работите. За мене најтежок пораз беше пировата победа над Лемго во Битола. Тоа што се случи во последните секунди против Лемго е навистина тешко. Тешка беше и првата титула што Металург ја освои против Вардар во Автокоманда. Имавме подобра екипа, но Металург успеа да дојде до триумф. Од тој натпревар како да почна таа спортска војна меѓу Вардар и Металург. Лично многу тежок период поминав додека тренер ми беше Драган Ѓукиќ. Многу е тешко да се соработува со тренер кој не верува во вас. Или едноставно му сметате. Мислам дека едноставно не ме почитуваше ниту како играч ниту како човек. Тешка беше таа соработка. Сепак, го проголтав сето тоа во тие две тешки години во Вардар и борбата со тренер во кој Михајло имаше голема довера. Неговото казнување неоправдано на високо ниво. Многу разни мисли ми доаѓаа. Сепак, добро е што издржав бидејќи некои не издржаа, вели Петковски.

ИГРАЧ ПА ТРЕНЕР – ЛОГИЧЕН ПОТЕГ

Кога играч ќе заврши со активното играње ракомет, има варијанта да продолжи со тренерска кариера што најчесто ја користат дел од оние што имаат амбиција да останат во спортот. Таква беше и одлуката на Петковски. Нормално, повторно во Вардар.

„Бев тренер на Вардар 2 и играв со средношколци во Прва лига пред 3-4 години и имав една добра генерација. Требаше да влеземе во Супер лига, но таму Вардар веќе имаше две екипи, Вардар и Вардар јуниор. Штета што таа генерација се растури. Таму го имавм Стефан Атанасовски, Марко Мишевски, Стефан Крстевски… играчи кои сега се во Вардар, а имавме и голем полет. Јас искрено кога Вардар се реши да ја растури таа екипа и решија дел од нив да ги префрлат во Вардар јуниор, а другите да ги пуштат по други клубови со самото тоа рстурање некако ми се деградираше тренерската кариера. Мене лично и на тие играчи кои не се снајдоа и отидоа во друг правец. Потоа добив нова генерацијата – родени 2004. Не ми беше лесно. Бев на големо двоумење дали да го прифатам она што ми беше понудено или да заминам. Размислував многу, неколку денови и се нафатив да го работам ова заборавајќи го тоа. Сепак, остана една грутка, вели Петковски, и се присетува и на времето кога беше и селектор на Македонија и ги предводеше најдобрите ракометари на квалификациските дуели со Исланд, Италија и Грција.

Но, сега токму за генерацијата на Петковски во Вардар многумина зборуваат дека е навистина талентирана.

„Даваме најмногу репрезенттивци во таа генрација. Се работи за 16 годишни ракометари. Почнав од нула со оваа екипа и ни недостигаат уште двајца ракометари за да бидеме комплетни. Секоја година одиме на турнири во странство. Се тестираме со регионалните екипи и секогаш сакам да видам до каде сме во однос на регионот. Тоа претставува еден тест бидејќи не смееме да седиме затворени. Влезени сме во оваа приказна со момците и мислам дека ако донесеме уште еден добар среден бек зборам за 2004 година тогаш ќе биде добро. Во иднина ќе играме во две категории со оваа генерација и ќе има оптимален број на натпревари и ќе биде стекнување на искуство со играчите до 2000 година, а во другата категорија ќе одиме да одработиме како тренер. Не ме засега тоа дали ќе сме шампиони туку ни е важно во 2022 година да потпишеме професионални договори со овие момци. Тоа ми е важно кога ќе дојде тој скаутинг за Вардар. Планот е во 2002 година да има скаутинг за оваа генерација и сакам да има што е можно повеќе од овие играчи, вели Петковски.

РЕПРЕЗЕНТАТИВНО МОЖЕВМЕ МНОГУ ПОВЕЌЕ

Од двете големи натпреварувања во 90-те години на кои играше Македонија, на едно беше дел и Петковски, она во Египет во 1999 година. Требаше да биде и дел од репрезентацијата на ЕП 1998 година, но тогаш стручниот штаб реши поинаку. Сфаќањето на ракометот како игра и професија беше поинакво од тоа време и сега.

„ Играњето во мое време и сега се два различни света. Посветеноста е поинаква, ракометот и спортот порано беа на многу пониско ниво, даелку од оваа приказна. Сега се оди до совршенство, посебно со сегашната еурофрија. Ракометот е спорт број 1, желба на сите играчи е да се наметнат и да стигнат до најдобрите клубови и до националниот тим. Порано ние немавме индивидуална посветеност. Јас до 26 години не размислував како што сега размислуваат моите синови. Екипата што ја водам јас сите учат во Националната Спортска Академија. Тие имаат осум дена тренинзи во неделата, што мислам дека е премногу. Во тие времиња, ретко кој клуб имаше утрински тренинг, значи имаше максимум пет тренинзи. Сега момци од 15 години имаат по два дневно, се прават различни испитувања, мерења, многу работи сега ги има што порано ги немаше, вели Петковски..

Иако последниве 8 години репрезентацијата постојано е дел од големите натпреварувања, и во минатото Македонија имаше одлични ракометари.

„Жалам е што Пепи Манасков и Кирил Лазаров не беа во иста генерација, тогаш Македонија ќе имаше репрезентација за високи дострели. Но, имавме репрезентативци што беа добри играчи како Боро Чурлевски, Томче Петрески, Александар Зарков, Игор Котевски… Стевче Алушовски фати дел и со нас и со следната генерација. Онаа генерацијата на Ангеловски, Димовски…многу вложуваа во себе, спортот се издигна на повисоко ниво…се интересираа и за дополнителн аисхрана и за повеќе тренинзи. Јас на 24 години првпат влегов во теретана, а моите 16-годишни момци веќе се таму. Таа генерација што беше после нас со Кире Лазаров, потоа со Мојсовски, Миркуловски, ја надминаа нашата генерација. Имаа кондицоони тренери, доаѓаа на тренинзи многу порано и слично“, завршува Петковски.