Се бара максималната сума што може да се добие за млад играч кој прави трансфер во друг тим во домашното првенство да биде од 700 до 900 евра по сезона. Така и помалите би биле мотивирани и би го зголемите сопствениот буџет.
Клубовите во Македонија кои работат со млади категории и кои покрај постигнување на високи резултати се посветени и на создавање на ракометари бараат во новите ракометни пропозиции за следната сезона да има измени што ќе бидат во нивна корист. Се бара вметнување на член според кој за секој млад играч (максимум до 21 година) што ќе направи трансфер во друга екипа (дури и ако е слободен) неговата матична екипа да има право на одредена компензација.
Екипата на Голден Арт уште пред два месеци испратила ваква забелешка во писмена форма до РФМ, и до сите клубови во коja кратко објаснува дека таа компензација што матичниот клуб треба да ја добие да биде од 700 до 900 евра по сезона. На тој начин и екипите што создаваат и вложуваат во млади играчи ќе имаат мотив плус да работат со млади категории, а за големите и богати клубови не би требало да претставува проблем да платат за добар млад играч.
“Забелешката е испратена уште пред еден месец кога од РФМ побараат дали имаме забелешки за пропозиците што се изготвуваат за новата сезона. Сметаме дека и клубовите кои вложуваат во млади категории треба да имаат некоја сатисфакција, бидејќи тие немаат финансии да бидат во самиот врв, но се вистински расадник на млади играчи кои потоа стануваат носители на играта во силните клубови. Така и помалите ќе бидат задоволни и мотивирани, и ќе можат да го пополнат буџетот, а не само да чекаат на спорсткиот ваучер. Ова би било голем потстрек за сите да работат со млади играчи, смета Сашко Даев, претседателот на Голден Арт.
Ова особено ќе им биде од корист на екипите чии играчи после одредена возраст заминуваат во други клубови, а матичниот клуб ќе може да врати дел од сопствената инвестиција. Ваква тренинг компензација постои при трансфер на играчи во странство, и тоа се однесува само за играчи кои се репрезентативци и за времето додека биле дел од некоја репрезентација.
Во новата сезона во Супер лигата ќе има 16 екипи поделени во две групи. Наскоро треба да биде и ждрепката за новата сезона и почетокот на Прва лига и младинските лиги. Од сезонава секоја екипа во Супер лига треба да има задолжително пријавено пионерска екипа, и плус уште една во кадетска или младинска конкуренција, по сопствен избор.