Кипријановска: Ќе биде прекрасно да се игра на ЕП пред домашни фанови

Женската репрезентација на Македонија в сабота го започнува настапот на Европското првенство на кое сме домаќини заедно со Словенија и Црна Гора.

Десниот бек Јована Кипријановска, која сезонава го има првиот интернационален предизвик во францускиот Самбр Авенуа и во отсуство на капитенот Елена Ѓорѓиевска, се очекува да добие минутажа на десната бековска позиција.

„Едвај чекам да стартува првенството. Среќна сум што сум дел од тимот и што ќе имам шанса да заиграм на ЕП. Ова е важно натпреварување за Македонија, која последен пат играше на ЕП пред десет години. Нашата селекција прави чекор напред со ова учество и ќе се обидеме да собереме искуство и да го промовираме женскиот ракомет. Франција е огромен фаворит, но тоа не значи дека е се откажеме. Се подготвуваме секој ден и ќе се потрудиме да го дадеме најдоброто. Да се игра на домашен терен пред нашите фанови е повеќе од одлично. Се надевам дека ќе им покажеме на нашите фанови дека овој тим заслужува да игра на големите натпреварувања“, изјави Кипријановска.

Првиот натпревар Македонија го игра на 5 ноември од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ против Франција.