Во новата сезона во рускиот шампионат во женска конкуренција ќе се натпреварува кинеската екипа – Феникс. Оваа екипа е составена од ракометарки кои во текот на месец април од Кина пристигнаа во руската престолнина и учеа по руски методи од Велимир Петкович и Људмила Бодниева.
Бидејќи руските клубови ќе учествуваат само на домашна сцена поради санкциите од ЕХФ, ракометниот сојуз на Русија одлучи домашниот шампионат кај дамите да биде проширен, со цел клубовите да имаат поголем број на натпревари.
Кинеската екипа, која ќе се натпреварува во рускиот шампионат ќе биде предводена од екс ракометарката на Кометал ЃП, Наталија Дерепаско. Искусниот тренер своето знаење и искуство ќе им го пренесе на младите ракометарки од Кина, кои ќе имаат задача да го направат поквалитетен рускиот шампионат, во кој ќе играат само неколку интернационалки.
Помошен тренер на Дерепаско ќе биде селекторот на женската репрезентација на Русија, Људмила Бодниева. Дерепаско и Бодниева во својата играчка кариера заедно настапуваа во екипата на Крим Меркатор, а сега ќе имаат можност заедно да работат во стручниот штаб на новиот член во рускиот шампионат.
Дерепаско во минатата сезона го предводеше словенечкиот шампион Крим и со клубот успеа да оствари солидни резултати во Лигата на шампионите. На домашна сцена без проблеми беше одбранета титулата и Куп трофејот.