Екипата на Кил која е следен противник на Вардар во Лигата на шампионите во натпревар од Бундес лигата беше поразена во дерби дуелот од Магдебург со резултат 27:29.
Првото полувреме помина со многу пресврти на теренот. Избраниците на Филип Јиха играа одлично до 10. минута кога водеа со 7:5. Магдебург предводен од Гулеруд и О’Саливен полека се враќаше во игра и најавуваше голема борба за освојување на бодовите.
До крајот на првото полувреме, Магдебург одржуваше резултатска позитива. Кил на неколку секунди пред крајот на првиот дел израмни на 15:15 со голот на Дувњак, но ракометарите на Магдебург преку Магнусен ги поставија конечните 16:15 на пауза.
Во вториот дел предноста на Магдебург најчесто беше два до три гола разлика. Кил на десет минути пред финишот намали на минус еден, 23:24. Во последните и неизвесни десет минути игра, Магдебург се одлепи на два разлика, 27:25, во 56. минута. „Зебрите“ со неколку грешки во нападот им овозможија на своите противници да ги освојат бодовите од денешното дерби.
Најефикасен во редовите на Магдебург беше Магнусен Омар Игни со шест гола, додека во редовите на Кил прв стрелец беше Никлас Егберг кој исто така постигна шест гола. Голманот Никлас Ландин за кој беше објавено дека има повреда бранеше во текот на целата средба и собра 13 интервенции, додека Сагосен и Вајнхолд поради тоа што имаа позитивни тестови на Ковид 19 уште се во изолација.
Поразот од Магдебург е прв за оваа сезона за ракометарите на Кил. За Магдебург победата над Кил беше осма во низа, така што екипата која го освои овогодинешниот Супер Глоуб турнир покажува дека е сериозен кандидат за освојување на Бундес лигата.