Следниот ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, тимот на Кил, на домашен терен го надигра ПИК Сегед со 35:32 во натпревар од групата А. За Кил ова беше втора победа, додека ПИК Сегед го запиша вториот пораз.
Составот предводен од Филип Јиха иако имаше посакуван старт и до средината на првото полувреме водеше со еден до два гола разлика, дозволи ривалот од Сегед да се врати во игра. По предноста на „зебрите“ од 6:4, гостите со два гола во низа направија камбек, израмнија на 6:6. До крајот на првиот дел се играше гол за гол и резултатот чешто беше нерешен. Кај двата табора немаше истакнат лидер, сите играчи кои добиваа шанса имаа свој придонес на теренот.
Сепак, резултатот на полувреме, кој изнесуваше 16:15 за домаќинот, доволно говори дека двете екипи одиграа слаба одбрана. Ниту голманите во првото полувреме не се прославија, па така Мрква имаше само четири одбрани за 30 минути, додека голманот на ПИК Сегед, Миклер две интервенции повеќе, односно шест.
Кил во првите десет минути од вториот дел успеа да ја зголеми предноста и во 40-та минута побегна на 22:19. ПИК Сегед секогаш успеваше да ја загрози предноста на Кил и откако домаќинот поведе со 24:21, унгарскиот тим во 45-та минута намали на минус еден, 24:23. Тоа беше последниот обид на ПИК Сегед, бидејќи во последните петнаесетина минути дојде до консолидирање во редовите на Кил.