Кил на шопинг во Монпелје – ангажираше репрезентативец на Шведска

Репрезентативецот на Шведска, левиот бек Карл Валиниус е новиот ракометар во редовите на Кил. Младиот ракометар, кој има 23 години, потпиша договор на пет сезони со „зебрите“ и се очекува да биде квалитетно засилување во тимот предводен од Филип Јиха.

Раководството на Кил беше во потрага по нов лев бек, откако на одреден временски период остана без репрезентативецот на Норвешка, Сандер Сагосен. Како што е веќе познато, Сагосен пред четири месеци заработи повреда на скочниот зглоб во натпревар против Хамбург и поради тоа ќе отсуствува шест-седум месеци од ракометните терени.

Кил на левата бековска позиција остана само со Никола Билик и со Ерик Јохансон, а со оглед на тоа дека Сандер Сагосен од следното лето ќе се пресели во Колштад, Кил одлучи да го ангажира Валиниус и да се договори на соработка до 2027 година.

Валиниус веќе пристигна во екипата на Кил и ги одработи првите тренинзи со новите соиграчи. Швеѓанецот во изминатата сезона настапуваше за Монпелје и постигна 49 погодоци во Лигата на шампионите. Пред да се пресели во Монпелје беше дел од шведскиот суперлигаш, Луги.

Од 2021 година го доби статусот на сениорски репрезентативец на Шведска. Со својата репрезентација го освои златниот медал на Европското првенство во Унгарија и Словачка.