Ракометарите на Кил покажаа дека се во одлична форма иако цел јануари имаа силни натпревари на Европското првенство, а вечерва на гостувањето кај Хановер славеа со 32:25.
„Зебрите“ доминираа во текот на целата средба. Покажаа дека имаат максимално расположени ракометари кај кои Европското првенство не оставило никаква трага. Напротив настапите на шампионатот само им помогнаа да ја кренат уште повеќе формата, а ова е лошо особено за Вардар бидејќи в среда гостува во Германија.
Хановер кој досега беше на 2. место денеска доби голем удар на свој терен и сигурно утре кога ќе биде комплетирано 21. коло од Бундес лигата ќе мора да се симне некое место подолу на табелата.
Победата на Кил беше и повеќе од заслужена после одличниот настап, а најдобриот ракометар на последното Европско првенство, Домагој Дувњак имаше нова одлична партија.
Со пет гола од шест удари беше меѓу тројцата најефикасни. До него со пет гола беа и Пекелер и Билик. Четири гола постигнаа Зарабец и Вајнхолд. Во Хановер по четирипати погодуваа Кроне, Бем и Цехте.